Илјадници струмичани го дочекаа христовото воскресение со свеќи в раце на терасите и во дворовите
За прв пат христијаните го одбележаа Велигден на еден поинаков начин. И покрај силната желба не успејаа да одговорат на повикот од црковните ѕвона и да се соберат во храмовите. Црквите и нивните дворови во кои секоја година за Велигден се собираат стотици верници годинава останаа празни. Тука беа единствено свештениците и нивните помошници. Црквите беа празни, но верниците од Струмица и покрај забраната и полицискиот час најдоа начин да присуствуваат на богослужбите и во живо да ја слушнат радосната вест за Христовото Воскресение. Наместо во црква, овој пат службите ги следеа од нивните домови. Со свеќи во рацете тие излегоа надвор, некои на терасите од нивите куќи и станови, други на портите од дворовите и на тој начин ја испочитуваа забраната за движење, но и нивната вера и традиција и повторно беа дел од велигденската литургија.
Освен православните, Велигден во Струмица го празнуваат и верниците од Источен обред од католичката црква. И во овие храмови беа само свештениците, а верниците од околните куќи и згради службата је следа од своите дворови и тераси.
Иста слика синоќа можеше да се забележи и во градот Струмица, но и во сите села. Верници со свеќи во раце и во кругот на нивните семејства излезени во дворовите ја слушнаа радосната вест за Воскресението на Исус Христос и победата на животот над смртта. Верниците не го заборавија ниту еден од главните симболи на празникот, црвеното велигденско јајце па по завршувањето на богослужбите го направија и традиционалното кршење.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
