Македонија
28. January 2026 - 16:31

Имало пријави за судијата Ристов во Судскиот совет, но Камбовски не се сеќава на наводи за мито

За апелациониот судија Ѓоко Ристов кој е во домашен притвор откако му беа пронајдени 350.000 евра во ѕид, пристигнувале и претходно претставки до Судскиот совет. Но дали меѓу претставките имало и некоја за примање мито, претседателот на Судски не можеше конкретно да каже. На годишно ниво им пристигнуваат и по 700 претставки за судии, но изненадели биле дека нивен колега е вмешан во ваков настан. Од она што беше сигурен Камбовски е дека колегите апелациони судии на Ѓоко Ристов, до сега го немаат пријавено во Судскиот совет. 

Утре пак ќе се бира нов член на Судскиот совет кој ќе треба да седне на местото на Ханиф Зендели на кој му истече мандатот. Судиите ќе бираат помеѓу нивните колеги Хасан Асани кој е и претседател на судот во Тетово, како и Садула Идризи судија во истиот суд. Како кандидати се пријавени и судиите Африм Јакупи од Апелација, Улбер Хасани од скопскиот граѓански суд, Џемали Саити од Врховен како и Шпреса Граинца Османи од Кривичниот суд Скопје. 

За тоа дали кандидатите за Судски совет имале некаква дисциплинска постапка и дали доколку имале може да станат членови на Советот, Камбовски вели до сега немале таков случај и се пријавувале само судии со примерно однесување.