Македонија
9. August 2025 - 17:00

Истрага за полицаецот кој без налог сакаше да ја приведе директорката од Демир Хисар

Полицијата синоќа отишла да врши претрес во семејниот дом на директорката на средното училиште во Демир Хисар, Маја Лозановска барајќи ги печатите кои според нејзиниот адвокат им биле потребни за новата в.д директорка да вработи неколку наставници пред денешното распишување на изборите. Таа ниту добила решение дека е разрешена, а новата в.д директорка била незаконски поставена на функцијата.

Јас не сум криминалец за МВР да постапува на тој начин, а моја обврска како директор е печатите да се чуваат на безбедно место на училиште. Обидот за мое приведување го сметам како партиски притисок, печатите да се обезбедат ден пред изборите, без уредно доставено решение до мене и без примопредавање. Прашањето е, зошто толку итно му беа потребни печатите во 20-22 часот на 08.08.2025? , вели директорката за Сител.

На видеото началникот бара таа да биде лишена од слобода, иако нема налог за тоа. Дошла и итна медицинска помош која констатирала дека има покачен притисок и не може да се движи поради повреда на грбот, за што била и на боледување. Началникот побара на носилка да биде однесена во полиција.

Според адвокатот Жарко Стевановски, незаконски градоначалникот на Демир Хисар пробува по трет пат да ја разреши од директорското место, а началникот незаконски сакал да ја приведе. Во понеделник ќе поднесе кривични пријави за нив. 

Градоначалникот на Демир Хисар пак, нема ингеренции да ја разреши дирекиторката бидејќи е поставена од МОН, меѓутоа во понеделникот добил известување од Државниот просветен инспекторат дека имало нерегуларности во нејзиното работење и на нејзино место да се постави нов директор. Кои се нерегуларностите не кажа, бидејќи решението му било на работа. 

Од Обвинителството соопштија дека поради сомненија за кривично дело фалсификување и уништување деловни книги, ОВР Демир Хисар побарало издавање наредба за вршење претреси на три локации- во училиштето, во семејниот дом и автомобил на пријавеното лице. Но немало наредба за приведување. 

Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај, соопштија од обвинителството.

Од МВР известија дека ќе спроведат внатрешна контрола за постапувањето на полициските службеници за време на претресот. Реагираа од опозициската СДСМ-режимот се врати.