Извештајот на Вајц со „Македонски јазик и идентитет“ усвоен во АФЕТ - одбиени амандманите на бугарските европратеници
Извештајот за напредокот на Македонија за 2023-та и 2024-та доби зелено светло од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. По бугарските опструкции и обидите за додавање придавки пред македонски јазик и идентитет, мнозинството со 40 гласа за, 19 против и 10 воздржани го прифати предлог извештајот.
По усвојувањето на документот, австрискиот европратеник и известувач за земјава, Томас Вајц изрази задоволство бидејќи е изгласан со широко политичко мнозинство.Порача дека Македонија е дел од ЕУ и дека по 20 години преговори, потребно е унапредување на процесот на проширување.
– Денеска го усвоивме првиот извештај за земјата на Северна Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување – вели Вајц во писмениот став кој го испрати.
Во изјава за 360 степени, Вајц вели дека и покрај гласањето на извештајот за Македонија останува обврската за спроведувањето на реформи и уставните измени.
Европратеникот Галер од ЦДУ/ЦСУ предложи амандман пред одредницата македонски јазик да стои „модерен“ македонски јазик, во корист на Бугарите. Но не доби поддршка, бидејќи шестмина европратеници го блокираа.
-Во име на групата би сакал да предложам еден амандман кој се однесува на компромисот 1 и 10 и едноставно се додава зборот модерен на 4 места, со што треба да биде модерен македонски јазик и идентитет, изјави Михаил Галер, европратеник.
Сепак Галер најави дека овој амандман ќе биде предложен и на пленарката каде што конечно треба да биде усвоен извештајот.
Мнозинството ги одби и останатите бугарски амандмани, по што, бугарскиот европратеник Ивајло В’лчев најави дека како додаток на Извештајот ќе предложи додавање на „мислење на малцинството“.
На 4 јуни гласањето за извештајот беше одложено по барање на Вајц, поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваа со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц призна дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
Сега се чека конечното гласање на пленарното заседание на Европскиот парламент закажано за периодот од 7 до 10 јули во Стразбур.
-
Ивана Соколовиќ Најдовa
Сите содржини од овој новинар