Македонија
16. March 2021 - 12:23

Јапонската амбасада со донација за болницата во Гевгелија

Со јапонска помош се подобрува техничката опременост на гевгелиската болница. Дигитален рентген апарат е донацијата што болницата ја добива како дел од GGP програмата за помош за човекова безбедност. Овoj е десеттиот договор потпишан годинава и осми во Гевгелија во рамки на истата програма. Поради пандемијата, целокупната грант-поддршка од Јапонија, годинава е насочена кон медицинските институции.

Од болницата во Гевгелија велат дека овој грант е особено значен за нив бидејќи со истиот ќе се овозможи висококвалитетна здравствена услуга  за граѓаните од поширокиот регион.

Ова не е прва донација на јапонската влада во Гевгелија. Со нивна поддршка во изминатите години се реализирани повеќе значајни проекти, меѓу кои и времената депонија за комунален отпад за време на бегалската криза.

Програмата за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност, позната како GGP,  во Македонија има историјат од 1996 година. Од тогаш преку неа успешно се реализирани и имплементирани 148 проекти, од кои 47 се посветени на медицинските институции. Заклучно со претходната година, вкупната поддршка преку GGP изнесува повеќе од 7 милиони евра.