Бизнис
30. January 2026 - 16:36

Јавниот долг падна под 60% од БДП

Јавниот долг падна под 60% од БДП. Министерството за финансии објави дека заклучно со 31 декември, вкупните долгови се пониски од предвидувањата дека ќе се достигне 62 отсто. Бројките, според министерката Кочоска, се силен показетел за стабилизација на јавните финансии и спроведување на фиксалната консолидација. Државата, јавните претпријатија, и акционерски друштва вкупно должат нешто над 10 милијарди евра.

При што државниот долг изнесува околу 8,7 милијарди евра, а преостанатиот дел се однесува на задолжувањето на јавните претпријатија и акционерските друштва. Пониското ниво на јавниот долг во однос на очекувањата се должи, пред сè, на внимателното управување со расходите во рамките на централниот буџет, но и на контролираното и фазно повлекување на кредитните средства од страна на јавните претпријатија.Важно е да се потенцира дека средствата што се повлекуваат не се наменети за тековна потрошувачка, туку се користат за капитални инвестиции, паралелно со редовно и одговорно сервисирање на постојните обврски., изјави Гордана Димитриоска Кочоска, министер за финансии.

Согласно проекциите во буџетот, за оваа година јавниот долг се очекува да изнесува 62% од БДП, односно 11 милијарди евра. Но, предвидувањата на министерката Кочоска се дека нема да надмине 60 отсто, пред се поради подобрата наплата на даночни приходи со воведувањето на електронската фактура.