Македонија
27. January 2025 - 16:34

Јавните претпријатија купуваат струја во последен момент, затоа е најскапа!

Недомаќински постапувале, затоа плаќаат најскапа струја. Министерката за енергетика им одговори на 90те јавни претпријатија, кои бараат владата да им дозволи да плаќаат цена на струјата како домаќинствата, односно 62 евра за мегават час.  Сепак, вели дека се бара решение за да плаќаат некаква поприфатлива цена, која би се применувала кога ќе заврши зимата.

Тоа се непрофитни претпријатија, како болници, школи, комунални претпријатија, кои можеби од незнаење ,купуваат струја во последен момент кога е најскапа. Владата е таа која ги плаќа сметките на крај  и затоа се бара решение. Тоа нема да биде оваа зима, туку да видиме , да излеземе со анализи и некаде 2 квартал од годинава, изјави Сања Божиновска, министер за енергетика.

Јавните претпријатија со писмо до Министерството за енергетика, Владата и Регулаторната Комисија бараат да им дозволи наместо на берза, да склучат договор со ЕСМ и да добиваат  електрична енергија по цена иста како домаќинствата и малите потрошувачи.  Според законот пак, струјата која не е наменета за домаќинства, Електрани треба да си ја продаваат на отворениот пазар, каде цените се приближно исти како берзанските.

Ставот на Регулаторната Комисија е дека овие претпријатија треба да си останат  на слободниот пазар и од таму да се снабдуваат, за да нема притисок врз цената која ја плаќаат домаќинствата  Инаку, за време на енергетската  криза, општините и голем дел од големите компании наместо на отворен,  се префрлија на регулираниот пазар, каде плаќаа цена на струјата истата како и домаќинствата. И тогаш регулаторна предупреди да се тргнат од регулираниот пазар, за да не поскапи енормно струјата за граѓаните.