Македонија
16. јуни 2022 - 20:08

Јавните претпријатија немаат можност да ги покријат сметките за струја

Комуналните претпријатија тешко се справуваат со економската и енергетска криза. Јавното претпријатие „Исар“ од Штип успеа да ја редуцира сметката за струја за повеќе од 3 пати со приклучување на ХС „Злетовица“ и избор на нов добавувач на електрична енергија, но сепак не успева да менаџира со состојбата, зашто трошоците и понатаму ги наднимнуваат месечните приходи.

- Свесни сме дека сите продукти се покачени, почнувајќи од гориво, репроматеријали, железо, така што јавното претпријатие и покрај сите приходи клои што ги остварува месечно, работи со загуба, односно, неопходни ни се повеќе средства од порано, поради покачените цени на берзата, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „Исар“ - Штип.

Дополнителен проблем е исплатата на заостанатите долгови за кредити и за неплатени сметки за електрична енергија.

- Имаме околу 25-26 милиони денари месечни трошоци што е за 20 до 30 % повеќе од вкупниот приход што го остварува јавното претпријатие, додаде Здравков.

Засега не се планира покачување на цените на комуналните услуги, меѓутоа, доколку во најскоро време не интервенира централната власт, многу јавни препријатија ќе се соочат со финансиски колапс.