ЈО ќе го расветлува случајот со масовната тепачка во центарот на Струмица
Надлежните институции работат на расчистување на тепачката која се случи вчера во центарот на Струмица, но некои нови и конкретни официјални информации за целиот настан нема.
Од Јавното обвинителство кое го води случајот соопштија дека работат на негово расчистување. Од таму информираа дека уште од вчера по допрен глас отвориле предмет и интензивно работат на негово расчистување. Биле дадени насоки и наредба за натамошно постапување и утврдување на идентитетот на лицата кои беа инволвирани во инцидентот. За сите нови детали јавноста навреме ќе била известена.
Одговори за случајот побараа и од ВМРО-ДПМНЕ. Прашуваат зошто и 24 часа после настанот нема никакви информации од МВР.
„На само стотина метри од полициската станица, во центарот на градот се случи брутална тепачка, која наликуваше и на обид за убиство, а што е највознемирувачки на видеото се гледа дека и деца сведочат на истата тепачка, што би развила и последици кај децата, но она што е најважно е дека полицијата во еден ваков случај ја нема никаде“, рече Димче Арсовски – портпарол на ВМРО ДПМНЕ.
Настанот стана актуелен откако на социјалните мрежи се појави видео од истиот. Во видеото се гледа како поголема група бркаат едно лице, а потоа го удираат истото.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
