Македонија
1. December 2018 - 16:30

ЈОРМ: Има индиции дека прислушувањето во Обвинителството траело од 2013. година

Јавното обвинителство има индиции дека во зградата прислушувањето на фиксните телефони траело од 2013 година кога е инсталирана опремата. Во денешното соопштение од ЈОРМ  истакнуваат дека сериозно и внимателно ги проверуваат сите аспекти. Се испитува тендерската документација за набавка на опремата и на овластувањата за нејзино користење.

- Иако пронајдените податоци со снимени разговори на двата хард диска од телефонската централа датираат од 30.09.2016 година, постојат индиции кои укажуваат дека снимањето траело од набавката и инсталирањето на опремата, односно од 2013 година. Во таа насока, се проверува и дали снимените разговори биле избришани или пренесени на друг уред, се наведува во соопштението од ЈОРМ.

Ова попладнево го потврди и министерот за внатрешни работи. Спасовски не открива информации за скандалот, најави детали по завршување на истрагата, но потенцираше дека позади ова стои ВМРО ДПМНЕ.

Од Кривичниот суд  оставаат истрагата да ја води обвинителството.

Сличен е ставот и на Синдикатот на правосудните органи.

-Ако имаме повреда на правото на нашите членови на Синдикатот ќе се произнесеме во овој момент неможеме ништо да кажеме, изјави Пецо Грујовски, претседател на УПОЗ.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ побараа одговорност оод власта за прислушувањето.

И Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на Фејсбук праша: Дали поради прислушуваните судии и обвинители Заев пред време ги погодувал пресудите и висината на казните?

-Вчера се соопшти скандалозна вест. Обвинителството и судството прислушкувани. Тоа значи дека таму некаде некој кој денес е власт прати порака, судиите и обвинителите ги имаат во рака, со снимани разговори, уценети, им требаат покорни на политичките наредби, додека правдата се заобиколува, пишува Мицкоски.

Вратија од СДСМ, целата одговорност лежи во ВМРО ДПМНЕ и нивните функционери.

-Мицкоски со лаги, целосно неуспешно, се обидува да ја оттргне вината за неговото учество во најголемите скандали, меѓу кои и она со прислушувањето.

Токму ВМРО-ДПМНЕ,  партијата со најголем скандал за прислушување во историјата на Европа, во чие време се монтирале прислушни уреди по институции, денеска неуспешно се обвинува да обини дека некој друг прислушувал, се вели во реакцијата од СДСМ.

 Синоќа и Премиерот Заев прстот го впери во ВМРО ДПМНЕ и првите луѓе на обвинителството и Кривичниот суд.

-Се знае кој биле раководители тогаш кога е направена набавката во ЈО и во Основен суд Скопје 1, и тие ќе понесат одговорност. Бегање од тоа нема заради тоа што ако покаже истрагата дека тоа е со нивно знаење, а тие се тие коишто ги набавиле, потпишале, исплатиле ваквите централи секој ќе си понесе одговорност. ВМРО-ДПМНЕ кое што дава изјава беше главниот поддржувач на ваквите начини на работење и владење во државата, а Мицкоски беше десната рака на Никола Груевски. Веројатно тоа е пренесено како некоја оставнина и наследство, но секако истрагата ќе ги покаже сите детали, рече Заев.

Засега во предистражната постапка, од Обвинителството не соопштуваат детали кој прислушувал, колку разговори биле снимени и дали се злоупотребени.