Македонија
24. September 2025 - 16:43

Ќе има одговорност за несобраното ѓубре во Скопје, кажа Мицкоски

Скопје и натаму се дави“ во ѓубре. И денеска контејнерите не се испразнети, дел од тротоарите се едвај проодни поради расфрлани вреќи со отпад. Уличните кучиња во потрага по храна ги растураат ќесите и со тоа дополнително се влошува состојбата.

Овие купишта ѓубре се наоѓаат во најстрогиот центар на Скопје. Од тука до плоштадот Македонија има околу 5 минути одење пеш. Неподнослива миризба се шири до другата страна на улицата.

За несобраното ѓубре ќе има одговорност, рече премиерот Мицкоски. Тој уште еднаш им се извини на граѓаните затоа што пред четири години ја поддржал Данела Арсовска за градоначалничка на главниот град.

Процесите што се водат имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме. Чувствувам одговорност што тогаш ја поддржав независната кандидатка. Да, чувствувам. И сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам, се извинувам што тогаш застанав зад независниот кандидат Данела Арсовска. Затоа, таа грешка нема да ја повториме“ Христијан Мицкоски, премиер

Арсовска се нема појавено во јавноста за да објасни што се случува во Комунална Хигиена претпријатие кое е под капата на Градот Скопје. Постојано пишува само статуси на фејсбук, а на тој начин се огласи и денеска за да му возврати на премиерот.

Мицкоски несреќо, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на совет на Град Скопје и твоите советници 4 години го блокираа и урнисаа градот. Ако сакаше да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив не си директно одговорен за хаосот во Скопје. Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си“ - Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје

На изјавата на Мицкоски реагираше и СДСМ.

Џабе му е на Христијан Мицкоски да се правда и дистанцира од Данела Арсовска, за хаосот што му го приреди на Скопје. Граѓаните немаат заборавено и многу добро паметат дека токму Мицкоски лично, со помпа ја промовираше Арсовска како независен кандидат и најдобар менаџер“. На Мицкоски му одговараше Арсовска како извршител, се додека не му пропаднаа бизнис зделките“, пишуваат од СДСМ.

Ова не е првпат Скопје да биде преплавено со ѓубре. Пред две години вработените во Комунална хигиена штрајкуваа и сликата низ метрополата беше иста како денес.