Ќе се врши нова обдукција на телото на убиеното момче во струмичко
Причините за смртта на 26-годишното момче чие тело беше пронајдено минатата недела во близина на струмичко Ново Село се уште остануваат непознати. Од Јавното обвинителство информираа дека работат на случајот, но без да откријат многу детали. Од таму само соопштија дека причината за смртта не можела да се утврди од првата обдукција па била побарана дополнителна тимска ре обдукција.
„При увидот кај почнатиот беа констатирани повеќе повреди кои првично упатуваат на насилна смрт. Бидејќи не можеше со сигурност да се утврди точната причина за смртта, јавниот обвинител издаде Наредба за обдукција на телото на починатиот. Со оглед на тоа што обдуцентите и по неколку дена не можат да се произнесат за причините поради кои настапила смртта, издадена е наредба за дополнителна тимска ре обдукција на телото на почнатиот. Резултатите од овој вешт наод се уште не се пристигнати во Обвинителството“, информираат од обвинителството.
Во меѓувреме обвинителството побарало да бидат извршени и повеќе претреси во домови и други простории на лица со кои починатиот остварувал последни контакти, како и обезбедување на снимки од видео надзор од еден угостителски објект. Побарани податоци за остварена телефонска комуникација и наредено е вештачење на мобилни телефони, но и на повеќе предмети пронајдени во близина на телото на починатиот.
„Целиот терен, по наредба на јавен обвинител, циклично се пребаруваше два пати за да се пронајдат и други траги и предмети. По целосно расчистување на случајот, ќе биде донесена јавно обвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, додаваат од јавното обвинителство.
Безживотното тело на 26-годишното момче беше пронајдено на 7 јуни на местото викано Ореш во близина на Ново Село.
За случајот реагираа и од ВМРО ДПМНЕ. Од таму прашуваат дали обвинителството сакало да ја забошоти истрагата? Според нив целиот случај бил воден со големи пропусти и буквално се внимавало да не се дојде до некој.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар