Македонија
10. July 2018 - 16:27

Клинички се дави со смет, никој не побарал помош од Комунална хигиена

Иако министерството за здравство вети дека вчера попладне ќе се чисти, денеска на Клинички имаше уште повеќе ѓубре.  Расте револтот кај пациентите но и кај вработените на скопските клиники.

– Мора да чекаме резултати, внатре е топло, надвор има губре, не е убаво, вели пациантка на скопските клиники.

-Само снег да падне да го покрие ѓубрето, додава друг пациент.

Од здравство вчера одговорија дека во соработка со Комунална хигиена ќе се собере сметот од Комплексот “Мајка Тереза”, но од ЈП велат дека од нив никој не побарал работници за  чистење.

-Не не никој не побара такво нешто од нас, изјави Абдусамед Шабани, директор на ЈП Комунална Хигиена.

Директорот на Комунална хигиена е категоричен дека е потребно системско решение за одржување на хигиената на Клинички. Тие немале обрска ниту договор да го чистат комплексот, а од претходно скопските клиники им останале должни над 30 милиони денари.

-Имаме заостанат долг од клиниките околу 30 милиони денари, додаде Шабани.

Проблемот со хигиената во кругот на Клинички настана откако министерството пред неколку месеци го поништи тендерот за избор на фирма. Половина година немаат право да распишат нов тендер па ингеренциите и ги вратија на службата за општи и заеднички работи за потребите на клиниките. Тие тврдат дека немаат капацитет за чистење, а за избор на фирма чекаат согласност од сите 30 директори.