Македонија
7. March 2025 - 16:54

Коцевски: Во предлогот за разрешување нема основ за утрврдување тешка дисциплинска повреда

Предлогот за разрешување е веќе во рацете на Коцевски, ама тој не препознава причини зошто треба да замине од функцијата државен јавен обвинител. Работел законски, па немало основа да одговара за тешка дисциплинска повреда.

Вели го разгледал документот со кој владата бара негово разрешување, а своето мислење наскоро ќе го испрати до Советот на јавни обвинители.

„Во текот на вчерашниот ден доставен ми беше предлогот за разрешување од страна на Советот на јавни обвинители. Во еден разумен рок ќе се произнесам за сите точки. Останувам на тоа дека, од она што можев да го разгледам, е дека во предлогот нема ниедна основа за утврдување на тешка дисциплинска повреда“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител.

Владата бара разрешување на државниот обивните бидејќи неговата работа предизвикала сомнежи на пристрасност и судир на интереси за кои требало да знае и да не постапува во тие предмети. Заради Коцевски, биле нарушени и меѓучовечките односи во обвинителството, а имало и корупција. Овие наводи ги истакна Министерството за правда каде се спремаше предлогот за разрешување, но министерот Игор Филков на два одделни настани денеска ги одбегна медиумите кои очекуваа детали од предлогот.

Во меѓувреме тече рокот од 15 дена во кои Советот на јавни обвинители треба да изгради став по барањето за разрешување. Во овој период се чека и одговорот од Коцевски, за советот да може да усвои позитивно или негативно мислење за владиниот предлог за разрешување на републичкиот обвинител.

Коцевски се соочува и со кривичен прогон, откако суспендираниот виш обвинител Хајрулахи му поднесе пријава. Со уште тројца обвинителите ги сомничи дека ја злоупотребиле службената положба. Коцевски вели, зачуден сум од содржината на кривичната пријава.

„Од она што го слушнав од медиумите до сега на навистина чудна кривична пријава, барем ако е тоа содржината дека наводно сите тројца обвинители се теретат за некакво соизвршителство, затоа што јавниот обвинител во Штип постапувал по предмет односно за кривично дело по член 143 за коешто е предвидена казна, за кое што е нужно да се води истрага. Тоа не може во никој случај да биде никаков основ за кривична одговорност“, вели Коцевски.   

Според законот за јавно обвинителство, државен јавен обвинител може да биде разрешен ако е член на политичка партија или со својата работа сторил тешка дисциплинска повреда.

Последниот збор за судбината на Коцевски ќе ја има собранието. За негово разрешување потребни се 61 пратенички глас.