Кошта во посета на Западен Балкан
Црна Гора и Албанија се на брзата трака и пред останатите земји од Западен Балкан за да станат членки на Европската Унија- претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта вели дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на европското семејство. Сепак поради двоумењето на земјите од регионот и предолгото чекање во европската чекална, Кошта со неговата турнеја во регионот ќе се обиде да ја врати нивната доверба, дека ЕУ е посветена на повторно започнување на процесот на пристапување, кој во последно време е забавен.
Според Кошта, не е фер земјите од Западен Балкан да бидат претекнати од Украина и Молдавија, чиј процес на пристапување е забрзан, но смета дека тоа ќе биде мотивација за земјите од регионот да забрзаат со реформите кои се неопходни за членството.
Турнејата низ регионот на претседателот на Европскиот совет, започнува утре, а прва станица ќе биде Србија, каде ќе се сретне со претседателот Вучиќ и премиерот Мацут. Истиот ден ќе го посети Сараево.
Во среда, Кошта ќе отпатува во Црна Гора, а по средбите со црногорскиот претседател и премиер ќе се упати и кон Приштина, на средба со претседателката Вјоса Османи. Во четврток пристигнува во Скопје, каде ќе оствари средби со премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска Давкова, а потоа заминува за Тирана.
Претседателката Силјановска Давкова, за претстојните посети на европските претставници во Скопје, кажа дека ќе се обиде да разговара за можен излез од ситуацијата во која се наоѓа Македонија на патот кон Брисел.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар