Македонија
29. July 2022 - 12:20

Кражбите на вода се почеста појава во Штип

ЈП „Исар“ секој месец открива по 5 до 10 диви приклучоци на водоводната мрежа. Кражбите на вода се честа појава, посебно во летните месеци, кога и потрошувачката е најголема, што доведува до тоа, заради несовесни граѓани, последици да трпат сите.

- Кражбата на вода доведува до дестабилизација на водоводниот систем и намалување на притисокот, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „Исар“ - Штип.

Намалувањето на притисокот значи дека жителите на повисоките населби редовно остануваат без вода за пиење, а тие кои водата ја крадат, ја користат за наводнување.

- Буквално низ целиот град откриваме диви приклучоци. Тоа се претежно граѓани кои имаат земјоделски површини, коишто ги наводнуваат, затоа апелирам да бидат совесни и да не ставаат цели населби под заложништво, бидејќи водата во овие летни горештини е богатство и треба да ја имаме континуирано низ целиот град, додаде Здравков.

За регистрираните диви приклучоци од страна на наплатната служба, следуваат и санкции. На крадецот на вода му се калкулира просечната месечна потрошувачка по цената на еден метар кубен вода за пиење, 12 месеци наназад, што значи дека ќе плати казна од околу 13.000 денари. 

- Апелирам до граѓаните кои имат диви приклучоци, дека не е исплатливо истите да се користат, бидејќи ќе си создадат дополнителни трошоци, но ќе биде покрената и кривична постапка, изјави Здравков.

Заради чести дефекти, застарена водоводна мрежа, но најповеќе заради кражби, загубите на вода за пиење во водоводниот систем се над 60%.