Претседателката на Антикорупциска поднесе оставка
Татјана Димитровска, поднесе оставка од фунцијата Претседателката на антикорупциската комисија. Оставката пристигнала утринава во Собранието, а во кусото известување, таа не навела причини за оставката. Се повикала на член од законот за Спречување на корупцијата и судирот на интереси според кој, на претседателот на ДКСК му престанува функцијата пред истек на мандатот ако тој поднесе оставка.
Адвокатот вели дека тој ја советувал Димитровска да поднесе оставка, за како што вели, непречено водење на кривичната постапка. Тој, Обвинението го смета за проблематично – вели, информациите кои наводно ги оддавала Димитровска биле јавни и за нив се одлучувало на седница. Не постоел ниту компјутерски фалсифакат, бидејќи проверките на АНБ биле клучни за добивање на безбедносниот сертификат.
„Се поставува прашање во која насока и која е теоријата на случај на Јавното обвинителство. Јас сметам дека во дејствијата кои и се ставаат на товар не постои инкриминација, односно извршено казнено дело“, изјави Владимир Туфегџиќ, Адвокат.
Оставката на првата антикорупционерка доаѓа по точно една недела откако Јавното обвинителството објави дека кривично ќе ја гони Димитровска за оддавање службена тајна, но и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.
Според обвинението, таа го информирала екс директорот на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ за постапки кои се водат против него, а подоцна стана и обвинет во слуачјот Адитив. Сега и таа е обвинета за истиот случај, а според предлогот на обвинителството, предиведно е Димитровска веќе на следното судење кое е закажано за во септември да седне на обвинителната клупа. Нејзиниот бранител пак ќе бара одвоено судење.
Собраниски извори за Сител брифираат дека седницата на која ќе се констатира оставката на Димитровска, ќе се одржи кон крајот на идната недела, по што комисијата за избори и именувања ќе треба да распише оглас за избор на наследник на Димитровска.
Во меѓувреме, од антикорупциска тврдат дека комисијата непречено продолжува со својата работа. Според поранешната претседателка Билјана Ивановска, годишните извештаи на ДКСК ќе покажат дали случувањата со Димитровска влијаеле на довербата, но како што вели, важно е јавноста да знае што работи комисијата.
„Секој во себе си го носи својот интегритет, кредибилитет и се тоа. Тоа само ќе се избистри и ќе си каже. Ако продолжат да си имаат јавни, транспарентни седници, да може јавноста да го слушне размислувањето на секој поединец, многу јасно ќе биде кој на кој начин работи“, изјави Билјана Ивановска, Поранешна претседателка на ДКСК.
Ова е првпат претседател на Антикорупцска комисија да се соочи со кривично гонење додека е на функција. Димитровска за претседателка на антикорупциска беше избрана на крајот на 2023 година.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар