Крушево годинава ќе биде центар на туризмот
Деведесет проценти од капацитетите во Крушево се исполнети за Велигденските празници, како во хотелите, така и во приватното сместување.
За разлика од лани бројот на туристи бил зголемен досега за 30-тина проценти. Според уплатата на туристичката такса од Нова Година до денес Крушево го посетиле 15.000 гости, но таа бројка реално е далеку поголема.
Угостителите се надеваат дека ова ќе биде само почеток на успешната сезона.
„Се очекува поголем прилив на гости за празниците, бидејќи преку 90% се букирани сите смештаи. Полека почнува сезоната, почнуваат да доаѓаат и летачи, така да се надевам дека ќе почнеме да одиме нагоре“, вели Жан Здравески - Шапе, угостител.
Гости има од сите краеви на Македонија и од странство.
Крушевчани велат дека се подготвени да ги печекаат сите гости, со нивното познато гостопримство, уникатните обичаи, традицијата и вкусната храна.
Инаку Крушево во 2023 ќе биде спортски и културен центар во Македонија, се очекуваат гости како никогаш досега. Градот ја доби титулата „Град на културата“, со голем број културни настани, а ова лето ќе има и Светско превенство во змејарство, 9 европски државни првенства во параглајдинг, Балканско првенство во џудо и многу други спортски натпревари.
„Ќе заклучиме успешна сезона 2023 година со зголемен број на посетители, од сега предвидуваме преку 40 до 50% во споредба со минатата година“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Aлтернативниoт туризам станува моторот за развој на крушевската економија, кој има големи перспективи во иднина.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар