Летово во Дојран повеќе транзит туристи отколку домашни
Летната сезона во Дојран оваа година поминува со значително помал број домашни туристи од вообичаено. Наместо нив, поголемо присуство имаат странските гости, особено од Србија, кои овој туристички центар најчесто го користат како транзитна дестинација на пат кон Грција.
Од локалната самоуправа засега немаат прецизни податоци за вкупниот број на посетители, но потврдуваат дека транзитните туристи биле побројни од домашните. Странските туристи, кои најчесто во Дојран престојуваат ден или два, биле причина и за зголемување на цените кај издавачите на соби и апартмани, што според градоначалникот на Дојран индиректно имало влијание врз бројот на домашните туристи.
,,Цените се отидени малку нагоре и мислам дека тоа влијае на домашните туристи кои доаѓаат во Дојран, поради зголемувањето на цените како резултат на транзитните туристи. Бидејќи тие престојуваат само едно или две ноќевања, цената е секако поголема, и тоа индиректно влијае и на цената за домашните туристи,,. вели Анго Ангов, градоначалник на општина Дојран.
Но, и покрај предизвиците, градоначалникот Ангов вели дека Дојран бележи продолжена туристичка сезона, која повеќе не е ограничена само на традиционалните три месеци лето. Особено актуелен е викенд туризмот, кој останува главен двигател на посетеноста во текот на целата сезона. Локалните власти се оптимисти дека планираните околу 150.000 ноќевања ќе бидат остварени, што укажува на стабилен интерес и развој на туристичката понуда во овој регион.
,,Со зголемувањето на бројот на туристи кои доаѓаат во текот на целата година, бидејќи Дојран веќе живее 12 месеци во годината, мислам дека тој број е надополнет и дури надминат. Но, и покрај тоа, треба да се подобри бројот на домашни туристи. Сметам дека и самите цени кои одат нагоре поради транзитните туристи веќе имаат влијание врз финансиската конструкција на едно семејство,,додава Ангов.
Освен зголемените цени, намалувањето на нивото на водата во езерото исто така придонесе за намалувањето на бројот на домашни туристи.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар