Лидерска средба утре во Клубот на пратениците за реформските закони и за укинување на техничката влада

Во Клубот на пратениците утре ќе се одржи лидерска средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието, на која, како што е најавено, ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Од трите опозициски пратенички групи, засега потврда за учество има само од Левицата, а лидерот на СДСМ, Венко Филипче, уште веднаш го одби повикот на Мицкоски за консензус за клучните прашања за државата.
Од коалициските партнери во Владата на средбата се очекуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од коалицијата „Вреди“, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
ДУИ денеска попладне на седница на генералниот совет на партијата ќе донесе одлука дали нејзиниот лидер Али Ахмети ќе учествува на состанокот откога партијата вчера одржа седница на претседателството на генералниот совет, на која се дискутирало за актуелните политички теми и за прашања за внатрепартиската организација.
Како што информира на денешната прес-конференција координаторот на пратеничката група на „Вреди“, Беким Ќоку, коалицијата на лидерската ќе биде претставена од Биљал Касами. - Ние ја прифативме поканата и одлучивме да одиме налидерската средба. Таму ќе присуствуваме јас како координатор и Биљал Касами како еден од лидерите на „Вреди“. Во поканата нема конкретни прашања - рече тој.
Во однос на Пржинската влада, Ќоку нагласи дека не ѝ прилега на една земја што преговара за влез во ЕУ да има техничка влада, како и дека земјата на локалните избори докажала дека и без пржинска влада може да организираат фер и демократски избори.
Левицата најави дека прифаќа да се укине техничката влада, но само ако се воведе една изборна единица, а пратеникот Амар Мециновиќ вчера на прес-конференција во Собранието информира дека Левицата ќе присуствува на најавената лидерската средба.
-Како парламентарна партија, која една и пол година се обидува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку предлагање закони, преку консензус за некои државни прашања, сметаме дека сега е времето да влеземе во конструктивен дијалог - изјави Мециновиќ.
Лидерската средба ја поздравија и ЛДП и ДОМ. ЛДП преку соопштение изрази подготвеност да присуствуваат на најавената лидерска средба, но не само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема туку заради одговори на клучните прашања, кои директно го засегаат животот на граѓаните.
Од ДОМ ја поздравија можноста за дијалог за суштински политички консултации за важни реформски закони и процеси, кои треба да ги зајакнат нашата држава и демократијата и повикаа на агендата да се стави и да се разговара и за една изборна единица и отворени листи без изборен праг.
Премиерот Христијан Мицкоски во празничното интервју на 7 јануари најави дека ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, која би се одржала пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос, а теми на средбата би биле консензус за реформските закони и укинување на техничката влада.
За клучните прашања за државата, Мицкоски рече дека очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции, како и дека дневниот ред може да биде проширен и дополнет од страна на другите.
-Да разговараме за изборот на народен правобранител. Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава разговараме отворено на сите тие теми во врска со нашата цел - ЕУ и за законите што треба да се донесат. Ајде да седнеме и да разговараме. Јас не би сакал да влегувам во укинување на техничката влада без консензус затоа што тоа е политички некултурно, а ваков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени - повика премиерот Мицкоски.
Откога Филипче го одби, премиерот Мицкоски рече дека мислел оти ќе се покаже зрелост и широчина.
-Тема на лидерската средба е само Законот за Владата. Ако ние се однесуваме неодговорно, како што се однесува тој, нам не ни е потребна лидерска средба, ние со 61 глас може да ја избришеме техничката влада, не ни е потребно мислењето на опозицијата. Но, сакавме процесот да биде инклузивен. Сакавме да поразговараме и за Изборниот законик, Законот за Јавното обвинителство, Законот за јавнообвинителската и судската служба, Законот за Советот на јавните обвинители - рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција на 8 јануари го одби повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвреени извбори“.
Движењето ЗНАМ - За наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за лидерска средба оценувајќи ја како можност сите релевантни политички фактори да покажат одговорност кон државата и граѓаните, а одбивањето дијалог на СДСМ е признание за слабост.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер
-

Ахмети ќе присуствува на лидерската средба
-

Утре на пладне лидерска средба, само Филипче писмено го одбил Мицкоски
-

Во притвор заврши лицето кое ја оштети вратата на бугарската амбасада во Скопје
-

Судски совет распиша оглас за избор на уставен судија, одлуката на Управен суд била преседан
-

Саит Саитов кој со „пасат“ усмрти жена кај Капиштец претходно бил казнуван за управување возило без возачка дозвола
-

Угостителите не кажуваат какви забелешки имаат за новиот закон за заштита од пушење
-

Опструкции и влошени пневмонии ја наполнија клиниката Козле – Дневно над 250 прегледи
