Македонија
23. May 2022 - 16:32

Матурантите немаат интерес за стручното образование кое нуди вработување

Иако Прилеп има 33 рудници за мермер, гранит и други неметали, во кои постојано се бараат стручни лица, со плата од над 600 евра, геолошко рударските техничари и ракувачите со рударски машини не се атрактивни за средношколците. Годишно се запишуваат само од 3 до 4 млади, а побарувачката на овој кадар е голема.

„Тие мислат дека ова е тешка физичка работа и не сакаат да доаѓаат овде, но како напредуа технологијата во се, компјутеризацијата, така напредува и во нашата бранша, се е механизирано, се е дигитализирано, рачна работа во овие рудници повеќе нема“, вели Виолета Николоска, професор по стручни предмети за геологија и рударство.

И кај струката преработувачи на дрво се надеваат дека бројот на ученици ќе се зголеми затоа што имало недостиг кај компаниите од ваков кадар.

„Се отвораат работилници, се отвораат компании кои пројавуваат интерес за вработување на деца кои имаат завршено од овој профил“, додаде Пеце Алексоски, професор по стручни предмети за шумарско, дрвопреработувачката струка.

Кај техничарите пак за моделирање и изработка на облека интересот бил се поголем бидејќи работеле во соработка со текстилните компании и нивните потреби.

„Значи според потребите на самиите компании, тие излагаат каков кадар им треба, а ние им стоиме на располагање, во соработка со компанииите сии ги обучуваме и учениците“, истакна Наташа Мирческа, професор по стручни за текстилна струка.

Најбарана пак е медицинската струка, но за жал најглемиот дел од овие млади  изглезот го гледаат во странство.

„Главниот проблем што не сакаме да останеме тука и сите скии бараме излез во странство е што немаме добри услови тука во нашата држава“, изјави Теодора Велкоска, ученик во средното училиште „Ѓорче Петров“ Прилеп.

Доста атратктивни се и економските смерови бидејќи можноста за вработување после завршување на средното училиште е многу голема поради соработката со компаниите.

„Преку практична настава ние имаме директен контакт со работодавачите што ни овозможува полесно да се вработиме во иднина“, рече Александра Јосифоска, ученик во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ – Прилеп.

„Практичната настава многу помага за понатаму за смерот кој го учиме“, вели Тамара Лашкоска, ученик во СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ – Прилеп.

Средните стручни училишта и дуалните паралелки за разлика од минатото добиваат на се поголема популарност поради поголема можност на учениците за снаоѓање на пазарот на трудот.