Македонија
16. September 2025 - 16:38

Медицинска сестра од Онкологија: Васев во канцеларција имаше лекови

Канцеларијата со број 212 на поранешниот директор на онкологија, Нино Васев, служела и како аптека. Медицинска сестра во дневната болница на клиниката, денеска во судница сведочеше дека терапијата за дел од пациентите, ја добивала лично од рацете на обвинетиот Васев, иако во аптеката моментално ги немало тие лекови. Ампулите биле студени, па претпоставува дека ги чувал во ладилник.

„Еден од тие пациенти беше Зоран кој требаше да прима ампула која во тој момент ја немаше на клиниката. Неговата сопруга ни рече дека ќе оди кај директорот, по некое време, се јави Васев и ме повика во канцеларијата каде беше и сопругата на пациентот и ми ја даде потребната ампула. Имаше уште еден пациент на чие име не можам да се сетам, но и за него потребната ампула ја земав од канцеларијата на директорот со број 212“, сведочеше медицинската сестра вработена на клиниката за онкологија, која додаде дека имало уште неколку такви слични ситуации.

Таа појасни дека при редовните неделни пописи, двапати забележале исчезнување на лекови, а случајот бил пријавен и во полиција.

За недостигот од лекови, одбраната се обиде да ја обвини медицинската сестра која сведочеше по предлог на Јавното обвинителство. Според адвокатите, таа прифатила да биде соработник на правдата во замена да не биде кривично гонета за исчезнувањето на терапија од дневната болница.

„Обвинителството не даде објаснување на кои околности се предлага овој сведок. Дали можеби таа ги украла лековите со доказ денеска доставен до судот според кој, постоеле оперативни податоци дека медицинската сестра може да биде искористена како соработник на правдата, односно, на некој нешто да му се прости, а за сметка на тоа да даде некакви информации“, рече во судницата адвокатката Анита Бегова.  

На денешното рочиште, судот информираше дека обвинетиот Васев понудил финансиска гаранција со која бара укинување на притворот. Заедно со организацискиот директор Нехат Нухи се обвинети за злоупотреба на службената положба и финансиски криминал – со незаконска набавка на лекови, буџетот го оштетиле за околу 36 милиони евра, дел од набавените лекови пак ги присвојувал Васев. Тој е обвинет и за несовесно лекување на болни од рак.