Меморијален парк во чест на загинатите во модуларната болница
Во кругот на тетовската болница, ќе се гради меморијален парк во чест на загинатите во пожарот во ковид центарот. Проектот денеска го претставија министрите за здравство и добро управување. Пред таблата со фотографија од проектот, положија свежо цвеќе и оддадоа почит со едноминутен молк.
Според планот, свиените патеки и сенките од дрвјата во паркот треба да го поттикнат размислувањето, за како што велат надлежните, никогаш да не се повтори таква трагедија.
Меморијалниот парк кој ќе потсетува на трагедијата во која загинаа 14 лица, се гради на само неколку метри од местото каде се наоѓаше модуларната ковид болница. Денес, опожарениот објект повеќе го нема и просторот е пренаменет во паркинг.
Министерот за здравство, меморијалниот парк го смета за проект со кој се исправа една колективна неправда.
„Пред 4 години, на ова место се случи трагедија која не смее да се заборави, но, институциите четири години молчеа. Не презедоа ништо, избраа да не гледаат, а тоа молчење беше неправда за оние што ги изгубија животите и за сите што секојдневно ја браат правдата“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Од Иницијативата „нула“ го поздравуваат проектот, ама се сомневаат дека служи за политички цели во пресрет на локалните избори.
„Ако оваа активност има за цел да искористи една трагедија за политички поени, тоа би било целосно неприфатливо и длабоко недостојно – особено кога станува збор за трагедија што остави зад себе длабока болка, недоверба кај граѓаните и семејствата што се уште не ја виделе вистинската правда“, велат од иницијативата „Нула“.
За пожарот во модуларната болница обвинети беа тогашните двајца директори на тетовската клиника. Еднаш беа осудени на условни казни, а во повтореното судење, заработија по една и пол година затвор, но пресудата се уште не е правосилна.
Пожарот се случи на осми септември во 2021, а бил предизвикан од продолжен кабел за струја.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар