Македонија
4. February 2026 - 16:35

Мицкоски: Да се воздржиме од коментари додека трае истрагата

Премиерот повика на воздржаност додека трае истрагата за запленетите 5 тони марихуана во Србија. 

Обвинителството во понеделникот објави дека веќе има отворен случај и дека се во интензивна комуникација со српските власти. Извори на Сител откриваат дека своја интерна истрага води и Царината. Според информациите таму детално се проверува целата документација од последниот период

Опозицијата и денеска повика на одговорност. Според нив, скандалот водел до врвот на власта

„Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта.

Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата?

Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?“ – се вели во соопштението на СДСМ

Српската полиција минатата недела објави дека запленила 5 тони марихуана во магацини во српскиот град Крушевац при што приведени се 4 лица а по едно се трага со меѓународна потерница. Српското обвинителство повикувајќи се на првичните сознанија добиени од пресретнатата комуникација, објави дека најверојатно дрогата била набавена во Македонија а потоа префрлена во Србија, но детали нема бидејќи во текот на истрагата, осомничените се бранеле со молчење.