Македонија
10. February 2026 - 16:53

Мицкоски гледа политичка заднина во протестите на ССМ

Политичка заднина гледа премиерот Мицкоски во синдикалните протести за повисока минимална плата. Тој вели дека Владата, како најголем работодавач, веќе ги заокружила преговорите и договорила покачување за сите административни групи работници: здравството, образованието, а последно и со администрацијата во министерствата и правосудството, додека овие синдикални лидери, според него, имаат други мотиви.

Од друга страна, опозициската СДСМ ги поддржа протестите на Сојузот на синдикатите и повторно го поднесе својот предлог-закон за минимална плата од 600 евра, кој минатата недела го врати собранискиот спикер Гаши поради технички пропусти. СДСМ смета дека во буџетот има средства за повисок стандард на граѓаните.

Синдикалците кои денеска ги блокираа влезовите на парламентот најмногу револт изразија за патните трошоци и високите плати на функционерите. Филипче рече дека ја поддржува ревизијата и кратењето на патните трошоци, но најави и законски решенија за намалување или замрзнување на функционерските плати. Мицкоски веќе најави дека до 2028 година Владата планира намалување на коефициентите за пресметка на овие плати, со цел да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд од 2023 година, со која примањата на функционерите пораснаа за неверојатни 78 проценти.