Мицкоски најавува серијал случаи за работата на судии и обвинители
Разобличување на судии и обвинители за кои смета дека се корумпирани и не ја заслужуваат платата, најави премиерот.
„Ќе почнеме еден цел серијал на случаи како суделе поедини судии и како обвинувале поедини обвинители. Јавноста нека суди дали тие заслужуваат па да кодошат таму по Брисел и каде одат, дека владата не им ги зголемува платите. Еве, јавноста нека суди и тие во Брисел нека судат дали овие луѓе што се генератори на корупцијата во државата, наместо да се борат против корупцијата ја заслужуваат оваа плата“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Според Мицкоски, се работело за мал број на судии и обвинители чија задача била да ги бранат криминалите на претходната влада.
„Но, со овие судии и обвинители, ќе повторам, да не бидам погрешно сфатен, неколкумина кои се последниот бастион во одбрана на поранешната влада на СДСМ и ДУИ. Правдата е неизбежна. Затоа, после локалните избори ќе ги најдеме сите правни механизми, без разлика какви и да се критиките, мора да имаме обвинители кои обвинуваат и судии кои што судат според закон и устав“, вели Мицкоски.
По серијата изјави дека не ги заслужуваат платите, невладините предупредуваат дека тоа може да се толкува како упад во независноста. Загрижувал и молкот во правосудството.
„Не видовме координиран и воедначен организиран одговор од страна на судската власт за да ги одбијат ваквите напади и обиди да се прикажат во многу лошо светло кое очигледно политичарите со години наназад ги користат. Нашите судови и судии се свесни дека тоа е еден од главните проблеми кои влијаат на нивната доверба и репутација во јавноста, меѓутоа, се уште гледаме дека нивниот инстикт е да се затворат и да бидат практично невидливи“, изјави Дарако Аврамовски, Коалиција за правично судење.
Мицкоски уверува дека законите за судови и јавно обвинителство ќе бидат донесени до крајот на годината, но пред да се зголемат нивните буџети ќе се прави споредбена анализа со пет земји членки на Европската унија.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар