Мицкоски: Законот за Скопје-Европска престолнина на културата 2028 е изготвен согласно праксата на ЕУ, за да нема сомнежи ќе биде ставен на јавна расправа

Законот за Скопје - Европска престолнина на културата за 2028 година ќе оди на јавна расправа, за да не се остави каков било сомнеж околу транспарентност на овој процес, најави премиерот Христијан Мицкоски. Додаде дека се работи за закон кој треба да се донесе во рамки на приоритетите на овој проект и оти тој е изготвен согласно препораките и праксата во ЕУ.
- Јас ја разбирам реакцијата во јавноста поради тоа што има жесток обид за нејзина дезинформација. Прво, станува збор за фондација Скопје - Европска престолнина на културата, и тоа е проект што е започнат уште пред 10 години. За жал, досега ништо не е направено, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола.
Вели дека поради тоа Владата дошла во ситуација да се соочи со еден предизвик, а тоа, како што рече, е првпат проектот Европска престолнина на културата да му биде одземен.
- Затоа влеговме во еден процес во којшто јасно ги дефиниравме приоритетите. Но, еден од тие приоритети е и законот, којшто се прави согласно сите препораки и пракса, на Европската Унија. Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки, потенцира премиерот.
Според него, не станува збор за избор на директор, бидејќи се работи за Фондација преку која, почнувајќи од оваа година, а требало да се почне пред 10 години, ќе се работи на реализација на овој проект.
- За правилно информирање на јавноста, сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга или bidbook, којашто е добиена уште пред пет-шест години, во којашто се дефинирани приоритетите од порано, а Владата и овој градоначалник ги наследи. Тоа се настани коишто треба да се случат 50 дена во следната 2027 година, и секој ден во годината 2028 година, а во 2029 година Фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие коешто ќе има директор, појасни премиерот Мицкоски.
Ова, рече, е суштината на целиот проект.
- За жал, некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и свесно да ги дезинформира граѓаните. Но, она коешто јас како човек, прво, нема да го дозволам, тоа е да остане каков било сомнеж во кој било процес. Затоа, на мое инсистирање, законот беше повлечен од Парламентот. Тој ќе биде ставен на јавна дебата. За жал, малку ќе задоцниме со некои од подготовките како Влада, бидејќи веќе 10 години се доцни од претходната Влада и од претходните градоначалници, но ќе се обидеме тоа темпо да го задржиме до крајот на годината и да влеземе во процес во којшто се ќе биде навремено испорачано, а Скопје ќе биде Европска престолнина на културата 2028, рече Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

13 заразени со западно-нилска треска, тројца во критична состојба
-

Дополнителна дезинсекција во Драчево
-

Епидемијата во Гостивар стивнува, најави за питка вода се уште нема
-

Филипче најавува блокада на Законот за Скопје - Европска престолнина, Мицкоски вели ќе има јавна дебата
-

Таргетирана помош за најранливите наместо замрзнување на цените за сите, предлага ССК
-

Македонија во екстремен ризик од пожари – Надлежните предупредуваат на внимателност
-

Преглед на вестите од светот
-

Подобрување на епидемиолошката состојба во Гостивар, но водата и понатаму не е за пиење поради нова бактерија
