Милановиќ: Македонија не смее да биде жртва на уцени за членство во ЕУ
Македонија да не биде жртва на никакви притисоци и да трпи изнуди за да стане членка на Европската Унија, но и земјава да размисли дали ЕУ и е се уште приоритет- овие совети хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, денеска и ги посочи на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Милановиќ порача-премногу се слушаат туѓи насоки како Македонија да го оди европскиот пат, било од соседите, било од меѓународни актери, но најголемиот дел, вели, треба да се земаат со резерва.
ЕУ останува приоритет за Македонија, но ова е неодржлива состојба која не говори само за нас, туку и за кредибилитетот на ЕУ, посочи претседателката Силјановска Давкова. За некои работи е рационално да се преговара, но тука не спаѓаат историјата и културата.
Ветото не е пријателски инструмент, а ќе предизвикува и натаму проблеми, не само за Македонија. Нашата земја треба да си го бара местото во Унијата преку Копенхагенските критериуми.
Хрватскиот претседател денеска оствари средба и со премиерот Мицкоски.
Потврдена беше поддршката за европската иднина на Македонија и јасната перспектива за членство во Европската Унија. Заеднички се согласивме дека стабилна, просперитетна и интегрирана Европа е невозможна без полноправно членство на целиот регион, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар