Муцунски: Европската комисија потврдува видлив напредок во повеќе области

Најновиот Извештај на Европската комисија е објективен и прави реален преглед на состојбите на државата визави европските интеграции. Во одредени области покажува висок степен на напредок и усогласеност, а во ниту една област што ја цени Европската Унија нема назадување, изјави министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, посочувајќи дека и амбасадорот Михалис Рокас самиот потврдил дека извештајот оваа година содржински е подобар за државата од извештајот од претходната година.
Овој извештај и неговата содржина, оценува Муцунски, е во наш интерес и не треба да го гледаме како испорака кон меѓународна организација како што е Европската Унија, туку како испорака кон нашите граѓани, бидејќи ова се навистина високи стандарди кон коишто долги години сме инвестирале да ги постигнеме.
Муцунски, во гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, нагласи дека Македонија бележи високо ниво на усогласеност во надворешната, безбедносната и одбранбената политика, како и напредок во дигитализацијата, науката и образованието, а во ниту една област оценувана од Европската Унија не е забележано назадување.
- Првото што треба да кажеме е дека тој е објективен извештај којшто прави еден реален преглед на состојбите на државата визави европските интеграции. И амбасадорот Рокас самиот потврди дека извештајот оваа година содржински е подобар за државата од извештајот во претходната година, на линија на тоа што го кажа и претседателот на Владата Мицкоски. Точно е и тоа, дека во одредени области имаме висок степен на напредок и висок степен на усогласеност, како во делот на надворешната, но и безбедносната и одбранбената политика. Имаме највисока оценка повеќе години во низа. Не е само прашањето за она што го правиме на меѓународен план, туку и стратешката определба на државата што во овој момент, земајќи ја предвид геополитичката волатилност којашто постои, е нешто што е највисок приоритет на Европската Унија. Многу внимателно гледа на тие процеси. Јас лично се гордеам со тие успеси што сме ги постигнале – изјави Муцунски.
Осврнувајќи се на забелешките за владеењето на правото и борбата против корупцијата, Муцунски рече дека извештајот содржи објективни насоки за подобрување и дека резултатите зависат не само од извршната власт, туку и од ефикасноста на судството и обвинителството, особено во справувањето со високата корупција.
- Треба да нотираме исто така дека во делот на напредокот по дел од овие области, како што е реформата на правосудството, борбата против корупцијата, не е само она што ќе го направи извршната власт, туку и колку самиот правосуден систем, посебно во борбата против високата корупција, успеал да испорача резултати и тоа исто така се нотира во извештајот. Значи не е само прашањето кои закони ќе се донесат, односно какви јавни политики ќе креира извршната власт, туку и прашањето дали обвинителството и судството, посебно во борбата против високата корупција, успеало да испорача резултати – изјави Муцунски.
Тој, исто така, нагласи дека Владата работи на нов Кривичен законик и измени на Законот за кривична постапка, оценувајќи дека целта е да се донесат квалитетни законски решенија по широка експертска и јавна дебата.
- Прашањето за Кривичниот законик е поврзано со изготвување на најдобрата можна верзија. Тоа е значаен документ во државата, значаен законик од гледна точка што истиот допира до многу сегменти од нашето општество. Прашања имаше поврзани со неколку што знам јас од работните групи што работат за Кривичниот законик, поврзани со модернизација на дел од одредбите во Кривичниот законик и затоа целта не е само да се донесе закон по секоја цена, туку да се донесе квалитетен закон и да се избегнат дел од проблемите коишто ги има во примената на актуелната верзија на Кривичниот законик. Така да кажам дека нема заднина за да стои тој во фиока, туку се подобрува текстот … Се работи од страна на работната група за најдобра можна верзија и доколку имаше за цел да не се донесе законот, денес претседателот на Владата немаше да каже дека наскоро очекуваме донесување на нов Кривичен законик – изјави Мицкоски.
Во однос на критиките од опозицијата дека станува збор за еден од најлошите извештаи за земјава, Муцунски рече дека оценките на европските претставници укажуваат на позитивна траекторија на реформите и евроинтегративниот процес.
- Ајде да видиме што кажуваат оние коишто објективно го рецензираат нашиот евроинтеграциски пат. Пред неколку недели во Скопје беше Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, којашто отворено кажа дека се импресивни нашите резултати во делот на примената на реформската агенда. Тоа е многу значајна алатка којшто Европската Унија ја користи во регионот на Западниот Балкан. Денес амбасадорот Рокас кажа дека овој извештај е подобар од ланскиот извештај, дека се постигнати позитивни резултати во многу области, дека има многу прашања на коишто треба да работиме, за што и самата влада е свесна, дека имаме уште многу предизвици пред нас, но траекторијата во гледиштето на претставниците на Европската Унија е позитивна. И ајде да се апстрахираме од тоа што ќе го каже претставник на ВМРО-ДПМНЕ или претставник на СДСМ или на ДУИ или на Левица, да погледнеме содржински на овој документ – што кажуваат претставниците на Европската Унија, бидејќи тие се објективен рецензент на нашиот пат кон полноправно членство – изјави Муцунски.
Говорејќи за застојот на европскиот пат, тој посочи дека процесот на пристапување во Европската Унија е пред сè политички, а не само технички и нагласи дека земјата „се поставува на еден принципиелен начин и врз основа на постулати коишто ќе ни донесат долгорочно решение на сите предизвици коишто ги имаме“.
- Во нашата историја на европска интеграција сме слушнале многу охрабрувања и многу пати сме зборувале за прозорци на можности. Сега очекуваме заедничка испорака. Не велиме дека само Европската Унија треба да испорача кон нас. И ние мораме активно да се вклучиме, да ги спроведуваме реформите и да обезбедиме предвидлива и сигурна рамка за нашиот евроинтеграциски пат – истакна Муцунски.
Во однос на отворените прашања во европскиот процес, Муцунски нагласи дека секое решение треба да биде поврзано со јасно утврдени принципи и дека процесот не треба да се води со однапред поставени рокови.
- Не сме подготвени лековерно или без размислување за последиците да влеземе во процес за кој имаме директно пренесени информации дека по еден чекор ќе следуваат и други очекувања. Не се лесни овие процеси и тие траат долго – истакна Муцунски.
Според него, значајно е што во европските институции и меѓу земјите членки се препознава и широката општествена поддршка за европската интеграција и определбата на Владата за европските вредности.
- Мораме да најдеме решение и ќе работиме на тоа. Но нашиот императив не треба да биде решение по секоја цена – изјави Муцунски, истакнувајќи дека домашните реформи и решавањето на отворените политички прашања мора да се движат паралелно, бидејќи исполнувањето на европските критериуми останува суштински дел од процесот.
МИА
Ново на Сител
-

Ученик активирал солзавец за време на час
-

Teма на денот со Тимчо Муцунски
-

Рокас: Овој извештај е подобар од претходниот, Мицкоски бара фер европски процес
-

МВР: Првата пријава за насилство од 17-годишната девојка од Богданци била на 30 септември
-

Рокас: Овој извештај е подобар од претходниот, Мицкоски бара фер европски процес
-

Брисел: Правосудството со слабости, корупцијата тапка во место
-

СДСМ: Каков мандат, таков извештај – катастрофата на Мицкоски потврдена од Брисел
-

Турканици, нервози и расправии пред Алта банка во Битола – по 20.000 денари од шалтер подигнуваа тие кои добиле порака
