МВР ќе ги засилува капацитетите и контролата на депониите и критичните точки на палење
Судот им определи 48 часовен притвор на четири лица за пожарот во отпадот во Трубарево, поврзани со сопственичката структура на отпадот и фирмите кои го управувале. Осомничени се дека заднички учествувале во кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.
Причините за пожарот во Трубарево уште не можат да се утврдат бидејќи треба да поминат барем 24 часа откако целосно ќе се локализира огнот. Истрагата ќе ги опфати и сопствениците и оние кои палеле, а ќе се истражуваат и дозволите за отпадот кој се складирал.
Министерот за внатрешни работи, најави дека ќе бидат искористени сите капацитети на МВР како и на безбедносните служби, околу депониите кои се палеа изминатиов период. Полицијата ќе ги зголемува контролите и надвор од Скопје.
Иако и според Тошковски, има индикации дека пожарите се подметнуваат од центри за моќ во државава и надвор, како што соопшти и премиерот, конкретно за депонијата Вардариште вели, дека има сомнение дека дел од жителите кои живеат во кругот на депонијата, ја потпалувале. Не само оваа година, туку и претходните четири години. Потребно е системско решение и дислоцирање на тие кои живеат таму за да им се најде соодветно живеалиште, а отпадот да се исчисти.
Министерот за внатрешни работи го повика Министерството за животна средина и сите инспекторати поврзани со еколошка заштита активно да се вклучат во преземање на своите надлежности. Тој нагласи дека доколку институциите ја извршувале својата работа како што треба, немало да дојде до ваквата состојба.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар