Македонија
27. April 2020 - 14:40

Над 120 пријави против струмичани за непочитување на мерките за заштита

Расте бројот на пријави против граѓаните  од струмичко кои не ја  почитуваат забраната за движење. Обвинителството поднесе нови 19 пријави против исто толку граѓани кои во периодот од 1 до 4 април, не ги почитувале одлуките и мерките на владата со кои се забранува движење на населението на територијата на државата.  

Денешните пријави не се единствени кои обвинителството од Струмица ги има доставено до судот. До сега се поднесени 126, а според најавите веќе се подготвуваат уште 27.

Како што информираат од обвинителството, секој од пријавените, во одделни кривично правни настани, не постапил согласно прописите за сузбивање или спречување на опасната заразна болест предизвикана од коронавирусот, поради која е прогласена пандемија.

Доколку се докаже нивната вина обвинетите граѓани се соочуваат со високи парични казни кои се движат од 1000 евра па нагоре. За последните 19 случаи обвинителството на судот му предлага на секој од обвинетите да му изрече парична казна во висина од по 50 дневни глоби, а секоја дневна глоба да е во висина од по 10 евра во денарска противвредност.​

Освен во Струмица, голем е бројот на пријавите и на обвинителството во Гевгелија. Од таму до судот веќе биле поднесени околу педесетина пријави. Сите се однесуваат на граѓани кои не ја почитувале забраната за движење за време на полициски час. Во оваа бројка не влегуваат пријавите за повеќе од триесет лица кои за време на Велигден во период  на збрана за движење играа оро сред улица. Нив обвинителството ги очекува деновиве по што ќе бидат покренати соодветни постапки.