Над 1.200 лажни дојави за бомби за помалку од три години
Денешниот нов бран дојави за бомби ги врати граѓаните три години наназад кога наставата во училиштата секој ден беше прекината поради анонимни закани.
Во последните три месеца од 2022 година полицијата има евидентирано 380 пријави за поставени бомби. Најголем дел од заканите биле за средни и основни училишта во Скопје.
Во 2023 имало близу 600 пријави. Речиси сите биле во училиштата, но дојава за бомба добиле и 4 градинки. Од нив најголем дел се на подрачјето на Скопје, а помал број во други градови како Струга, Кочани, Куманово и Прилеп. Закани пристигнале и во други објекти и институции. Такви во полицијата биле пријавени 36.
Од вкупниот број, пет анонимни дојави се добиени по телефон, една е добиена по домофон во станбена зграда дека во паркиран автомобил е поставена експлозивна направа, додека сите останати закани се добиени по електронска пошта.
Лани, од јануари до август не стигнала ниту една дојава за бомба низ школите. Имало само една телефонска пријава за поставена направа во Народна банка.Сите дојави беа лажни.
Дел од мејловите воделе кон ИП адреси од Русија и Иран, рече тогашниот министер за внатрешни, Спасовски, а поднесени беа кривични пријави и против двајца малолетници и повеќе воразни лица.
Денеска, пак, имаше 240 лажни дојави низ училишта во повеќе градови.
Поранешниот помошник директор на УБК, Златко Кесковски вели мотивите можат да бидат различни.
„Може од индивидуални лица, може организирана терористичка група, кои секако се хакерски криминалистички групи кои уценуваат понатаму, се до служби кои имаат некаква цел ослабнување на безбедносните служби и нивното дејство бидејќи 240 дојави за терористички напад се сериозна бројка“ – Златко Кесковски, поранешен помошник-директор на УБК
Според Кесковски, денешните дојави за бомби може да се поврзат и со терористичката ќелија која беше разбиена од македонската полиција кон крајот на минатиот месец. Групата делувала според правила на теророристичката организација ИСИС. Броела четири лица кои се подготвувале за напади на цивилни цели и јавни објекти во Македонија.
„Ако полицијата односно безбедносните служби откриле ќелија или група која била подготвена, односно се организирала за извршување на теорирстички акт, а таа е спречена пред самиот чин, односно во текот на нивната организација, ова може да биде еден вид на одмазда од страна на таа некоја позадинска терористичка организација која ги регрутирала потенцијалните извршители во нашата држава“ – Златко Кесковски, поранешен помошник-директор на УБК
Закани со бомби денеска добија голем број училишта во повеќе градови ширум Хрватска. Тамошните медиуми јавија дека дојавите се испратени од сервер кој надводно се наоѓа во Африка. Покрај исламистички закани, во електронската пошта имало и најави за одмазда. Во истрагата се вклучени експерти по кибербезбедност и Европол.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
