Намален бројот на прегледи во Гостивар, засилени мерките против западнонилската треска

Министерството за здравство информира дека епидемиолошката состојба во Гостивар бележи значително подобрување, со континуирано намалување на бројот на пациенти што побарале медицинска помош.
Во текот на вчерашниот ден во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени вкупно 36 прегледи, што е за 37 помалку во споредба со претходниот ден, кога биле регистрирани 73 прегледи. Во моментот во болницата се хоспитализирани четири пациенти.
Од почетокот на следењето во двете здравствени установи се извршени вкупно 4.483 први прегледи. До надлежните институции се доставени 1.014 формални пријави за заразна болест, а обработени се 706 нови епидемиолошки анкети, со што е постигната покриеност од 70 проценти.
- Надлежните здравствени институции продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор, прибирање и обработка на податоците, анкетирање на пациентите и координирано спроведување на сите неопходни мерки за заштита на населението. Намалувањето на бројот на прегледи е охрабрувачки показател, но состојбата и натаму внимателно се следи - се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Во меѓувреме, заклучно со 30 јули 2026 година, во државата се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска. На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се 10 пациенти со потврдена инфекција, од кои тројца се во критична здравствена состојба.
Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на стручната процена на ризик, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје - Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци. Вонредниот третман беше спроведен во текот на ноќта како дополнителна превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата.
Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи остануваат во постојана координација и навремено ќе ја информираат јавноста за сите нови сознанија и преземени активности.
МИА
Ново на Сител
-

13 заразени со западно-нилска треска, тројца во критична состојба
-

Дополнителна дезинсекција во Драчево
-

Епидемијата во Гостивар стивнува, најави за питка вода се уште нема
-

Филипче најавува блокада на Законот за Скопје - Европска престолнина, Мицкоски вели ќе има јавна дебата
-

Таргетирана помош за најранливите наместо замрзнување на цените за сите, предлага ССК
-

Македонија во екстремен ризик од пожари – Надлежните предупредуваат на внимателност
-

Преглед на вестите од светот
-

Подобрување на епидемиолошката состојба во Гостивар, но водата и понатаму не е за пиење поради нова бактерија
