Македонија
15. March 2021 - 12:23

Намален бројот на сообраќајни несреќи

125 лица минатата година го загубиле животот во сообраќајни несреќи на патиштата во државата, а околу 5.500 се повредени. Споредбено со претходните, 2020 е година со најмал број на загинати и повредени лица и покрај тоа што бројот на возачи и возила континуирано расте, а интензитетот на сообраќајот се зголемува. Но, иако има подобрување, доколку се направи споредба со државите од Европската Унија бројот на загинати и повредени е далеку од нивниот просек.

„Просекот во земјите членки на Европската Унија е 5 загинати лица на 100.000 жители или во апсолутни бројки тоа би значело дека доколку нашата држава сака да го достигне нивото на безбедност на земјите членки во Европската Унија тоа значи дека бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди на годишно ниво не треба да биде поголем од 100 загинати лица. Апсолутно се разбира дека ние не можеме да кажеме дека одредена бројка на загинати лица во сообраќајни незгоди е добра затоа што станува збор за човечки животи. Наша цел е да имаме колку што е можно помалку жртви во сообраќајни незгоди“, вели Ристо Манчев - РСБСП.

Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата велат дека најдобри резултати се постигнуваат преку комбинација од превентивни и репресивни мерки. Токму затоа и оваа година во координација со МВР силен акцентот ќе биде ставен како на превентивното дејствување, така и на засилени контроли со цел достигнување на европскиот просек.

„Репресивните мерки имаат ефект на брзо дејствување, додека превентивните мерки секогаш имаат малку еден подолг период на дејствување. Она што е важно е тоа дека во минатиот период се засилени сообраќајните контроли и истите ќе се интензивираат 2021 година“, вели Манчев.

Целта на мерките не е казнување, туку заштита на животот и здравјето на граѓаните и побезбеден сообраќај, велат од Републичкиот совет. Од таму потенцираат дека само со промена на лошите навики и културата на однесување во сообраќајот може да се подобри безбедноста, а со тоа да се намали бројот на загинати и повредени лица.