Македонија
29. March 2022 - 16:29

Народниот правобранител со барања за законски измени по реакциите од граѓаните

Граѓани плаќале трипати поголеми камати од основниот долг. Најголемиот број претставки минатата година се однесуваат на постапките пред извршителите, се наведува во Годишниот извештај на Народниот правобранител. Омбудсманот ќе бара Владата да ја ограничи каматата на основниот долг.

- Каматата да се плафонира најмногу до сто проценти од основниот долг. Има граѓани кои цел живот се должници кон доверителите, поради ниските примања и превисоките камати. Тоа е недозволиво за една социјална држава како нашата, рече Народниот Правобранител Насер Зибери.

Голем број граѓани се жалеле и за превисоки сметки за струја и парно поради паушални сметки, кои не биле корегирани следниот месец.

-Да се направат законски измени и струјомерите да се читаат на најмногу 2 месеци, рече Зибери.

За детските права најмногу претставки има за образованието со воведувањето на електронски учебници. Народниот правобранител констатира дека поради лошата економска состојба во некои семејства многу деца не можат подеднакво како врсниците да учат и затоа препорачуваат уредите да ги обезбедат училиштата, а не родителите.

Во извештајот се констатира дека малолетниците во казнено поправната установа во Тетово немаат образовен процес, а трите малолетнички сместени во женскиот дел во Идризово биле загрозени од повозрасните и бараат да се преместат.

Лани Народниот правобранител покренал 2 085 постапки, од нив во 755 биле констатирани повреди на човековите права.

Омбудсманот потенцираше дека најлоша соработка имале со министерството за здравство.