Македонија
1. May 2023 - 16:33

Неисплатена плата и надоместоци најчест проблем за работниците

Работничките права континуирано се кршат од страна на работодавачите, но и се повеќе работници се одважуваат правдата да ја побараат пред судските органи. Вработените во јавниот и приватниот сектор најчесто имаат парични побарувања по однос на неисплатени плати и додатоци на плата. Сепак, јавната администрација е во по поволна позиција, зашто тужбените барања во целост се наплатуваат преку позитивни пресуди на надлежните судови.

- Генерално, во приватниот сектор работниците се помалку заштитени, односно, ние добиваме судски пресуди, кои се позитивни, во корист на работниците, но се случува да одредени форми кои ги овозможува Законот, одредени фирми да бидат затворени или да се престават како не ликвидни и да не можат да се наплатат побарувањата од страна на работодавачите- изјави Донче Стаменков - адвокат.

- Проблематично е тоа што на крајот остануваат без неколку плати, фирмата оди во стечај, во ликвидација, секакви форми смислуваат за на крајот работниците бидат оние кои на крајот ќе бидат оштетени-изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец - Штип.

Многу е важно работниците да внимаваат на тајмингот, односно, доколку им доцни платата, веднаш да пријават во Гласен текстилец или до адвокатите кои се специјализирани за трудовата легислатива. Исто така, не смеат да потпишуваат бланко изјави во моментот на засновањето на работниот однос, кои се незаконски.

- Тие бланко изјави подоцна ги користат за работниците да бидат одјавени во форма во која не можат да си ги добијат своите права кои ги следуваат во однос на Законот за осигурување во случај на невработеност- додаде Стаменков

„Гласен текстилец“ започна со заштита на текстилните работници, но стои на располагање и за сите останати вработени во реалниот сектор.