Нема превоз за 150 ученици во Прилеп
Околу 150 ученици од 47 населени места во прилепско кои учат во СОУ „Ѓорче Петров“ останаа без превоз од 10-ти овој месец затоа што доцни постапката за јавна набавка за превоз за 2023-та. Поради ова доцнење 5-те средни училишта во Прилеп на 28.12.2022 веќе потпишале еден анекс за продолжување на договорот до 10.02.2023. Сега Општина Прилеп им побарала да потпишат и втор анекс, кој според раководството на СОУ „Ѓорче Петров“ би бил незаконски затоа што треба да се склучи после истекот на рокот, односно после 31.12.2022.
„Во овој вакум простор ако јас потпишам втор анекс, јас ќе влезем во дејствие за кое што можеби ќе бидам и кривично гонета. Меѓутоа учениците не треба да трпат прекин на наставата, затоа се обративме до локална самоуправа да добиеме одговор од таму, но до ден денес од таму нема одговор дали може на некаков начин да се обезбеди превоз“, истакна Петра Лукароска, директор на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.
Од вкупно 5 средни училишта во Прилеп, само СОУ „Ѓорче Петров“ не го потпишува вториот анекс, другите 4 веќе потпишале. И правните застапници на ова училиште велат дека ова било спротивно на законот.
„И склучувањето на таков анекс договор значи црпење на средства од основниот буџет на Општина Прилеп кои не биле предвидени со буџетот за 2023, односно практично се упатува на црпење на средства без јавна набавка“, истакна Жарко Стеваноски, адвокат.
Од Општина Прилеп пак ја повикаа Лукароска да си поднесе неотповиклива оставка затоа што сите средни училишта имале редовна настава освен ова, а директорот бил тој кој што бил надлежен за образовниот процес. Велат и дека на вчерашниот наставнички совет Лукароска била застапувана од адвокат, што според нив било преседан и прашуваат кој ќе ги плати адвокатските услуги.
Од училиштето пак ги повикаа родителите во наредните 10-тина дена додека додека заврши јавната набавка за 2023, сами да го обезбедат превозот на ученици за да не се пропушта наставата.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар