Нема веднаш да се казнува ако се пушат цигари на места каде е забрането – законот ќе се спроведува во фази
Од март нема веднаш да се казнува ако пушите цигари пред училиште, јавна установа, внатре во угостителски објект или на автобуска постојка.
Иако здравствените власти очекуваат законот за заштита од пушењето да се донесе идниот месец, тој ќе се спроведува во фази. Прво ќе се оди информативно, па подготвително, а санкционирање е третата етапа, но се уште не е дефинирано кога ќе се почне со парични казни. На речиси две недели од првичниот предлог за да стапи на сила, експертските групи и сите засегнати се уште работат на дефинирање на протоколите кои ќе ги опфати новото законско решение.
- Идејата е тоа законско решение добро да биде дефинирано, креираме протоколи. Затоа со сите инспекторати и заедно со МВР и ние министерството за здравство работиме на креирање на протоколи за понатамошно следење на законот . Едно од почестите барања барања беше и дали законот може да се имплементира во фази, ние сме флекисибилни, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Освен барањето на угостителите за јасни протоколи и пролонгирање на законското решение, по јавното објавување на предлог текстот до министерството стигнале вкупно 60 забелешки. Но, и државата се уште не е целосно подготвена за да им излезе во пресрет на граѓаните кои сакаат да се откажат од цигарите.
- Битен момент е едукација и информирање на населението. Затоа работиме со ИЈЗ и со другите институции за да видиме дали инфраструктурно и ние сме спремнхи. Не би сакал да брзаме со термини, рече Алиу.
Според новиот преглог закон се планира забрана не само на класичните туку и на електронските цигари, “вејп” апаратите и други уреди кои содржат никотин во сите угостителски објекти, фирми, јавни институции, автобуски и железнички станици, пазари и јавни места каде има повеќе луѓе. Не смеат да се пушат цигари ниту во автомобил ако има малолетно дете.
Во рестораните и кафетериите ќе биде дозволено пушење само на терасите ако се отворени од 3 страни, а не како досега застаклени или преградени со фолии. Казните ако ве фатат со цигара во рака се движат од 150-300 евра, а за фирмите до 5000 евра.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
