Незадоволство во Бугарија по усвојувањето на извештајот за Македонија во ЕП
Модерен” македонски јазик не доби зелено светло, Македонија прогласи дипломатска победа откако Извештајот за напредокот на земјава беше усвоен без придавката. Пред финалното гласање на Извештајот на пленарна седница идниот месец, кај бугарската страна иако владее незадоволство, сепак министерот за надворешни работи реши да ја поздрави одлуката на Комитетот за надворешни работи, дека не дозволила да се шират шпекулативни националистички наративи за вековен македонски идентитет.
Нашите загрижености во однос на политиките на РСМ се поврзани пред сè со две клучни прашања:
Гарантирање на правото на Бугарите во РСМ на самоопределување, без страв од прогон и дискриминација;
Спречување на провокации против милиони бугарски граѓани – граѓани на Европската унија – од кои многумина се потомци на Бугари од географскиот регион Македонија.
Бугарија останува посветена на сите елементи од европскиот консензус од 2022 година, чие спроведување претставува единствена можност за европска интеграција на нашиот југозападен сосед. Оваа позиција е цврсто потврдена со одлуките на Народното собрание во јуни 2022 и мај 2025 година, напиша шефот на бугарската дипломатија на социјалните мрежи.
Лидерот на бугарската партија „Преродба“ пак, Костадин Костадинов, побара оставка од бугарската влада поради, како што рече, неуспехот да ги заштити бугарските интереси во процесот на евроинтеграција на Македонија. Според Костадинов, Извештајот официјално го признава илјадегодишниот македонски идентитет, јазик и култура, но по цена на тоа ја негира присутноста на Бугарите во Македонија.
Честитки до сите бугарски евроатлантски јаничари, чиј сон за убивање на Бугарија и бугарскиот народ продолжува да се остварува. Честитки до владата на ГЕРБ, ДПС, БСП, ИТН и останатите, кои не најдоа сила да прозборат ниту еден збор за заштита на Бугарите во Македонија. Честитки до нашите сојузници од Европската Унија, кои покажаа дека со вакви сојузници не ни се потребни непријатели. Честитки до сите наивни Бугари кои чекаа некој друг да ни помогне, а на крајот испадна дека пратениците на Орбан беа тие што најексплицитно се изјаснија против сите бугарски амандмани во извештајот – благодарение на што тие беа одбиени, напиша тој на фејсбук.
Иако амандманите за додавање на модерен пред македонски јазик не беа усвоени, сепак координаторот на групата на ЕПП за надворешни работи, Михаел Галер, кажа дека, во согласност со социјалистите, либералите и зелените, истите амандмани ќе бидат повторно поднесени за гласање на пленарна седница во Стразбур.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар