Македонија
10. October 2017 - 16:39

ДСЗИ открива: Клиниката за Гинекологија работи во катастрофални услови

По две деца во еден инкубатор, Интензивна нега со двојно повеќе предвреме родени бебиња,  малку апарати за дишење, застарени стерилизатори, недостиг на педијатри, анестезиолози и медицински сестри. Ваква состојба на Клиниката за гинекологија и акушерство затекнале инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат по неколку дневните вонредни контроли во најголемото родилиште во земјава. Според ДСЗИ ова се дел и од можните причини за зголемената смртност на новороденчиња. Дополнителен проблем во оваа установа се и крововите кои прокиснуваат, собите со влага, оштетените кревети и несоодветната вентилација.

- Има недостаток во системот за вентилација на интензивна нега и постинтензивна нега, во родилните и операционите сали, а од Службата за општи и заеднички работи на клиниките, кои вршат сервисирање на филтрите на системот за вентилација не добиле ниту спецификации ниту динамика кога последен пат се заменети филтрите на оваа клиника, изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

На Клиниката за гинекологија ќе бидат дадени точно утврдени рокови за да ги поправи недостататоците кои ги констатирал здравствениот инспекторат. Најголем проблем за менаџментот е обезбедувањето на соодветен стручен кадар и нарушените меѓучовечки односи помегу вработените на Интензивна нега.

- Проблемот со недостиг од кадар ќе се решава веднаш по изборите со вработување на нови доктори, сестри, педијатри и анестезиолози, изјави д-р Викторија Јовановска, директор на ГАК.

Покрај проблемот со кадар на Интензивна, Клиниката има потреба и од патолози. Во моментот двајца вакви специјалисти  двено гледаат и по 40 пшациентки, а добиваат над 350 материјали за анализа.

Директорката на ГАК потврди дека во првите 9 месеци на Клиниката се евидентирани 127 починати новороденчиња. Доколку не се подобри состојбата бројот на смртни случаи годинава ќе биде најголем во последната деценија.