Власта и опозицијата со различен став за новиот Клинички во Бардовци
Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за новата локација за изградба на Клинички центар во населбата Бардовци. Од ВМРО ДПМНЕ обвинија дека ова ќе ги чини граѓаните 300 милиони евра повеќе од претходниот проект кој го презентираа додека беа на власт здравствениот објект да се гради на сегашното место. Според опозициската партија владата предводена од СДСМ за оваа одлука треба да плати пенали од најмалку 7,5 милиони евра.
-Заев и Филипче, со оваа одлука покажуваат дека расипнички се однесуваат со парите на граѓаните и прават проект кој се вика „ОД ГОТОВО ВЕРЕСИЈА”.
Тие мора да дадат одговор на прашањето која е потребата да се потрошат 300 милиони евра повеќе? Зошто сакаат да ги остават граѓаните да се лекуваат во субстандардни услови до 2030 година? И зошто се подготвени да укинуваат готов проект за да започнат нешто за кое ниту самите не веруваат дека ќе го реализираат, изјави Игор Николов, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.
Од СДСМ во писмено соопштение пак тврдат дека со изградбата на новиот Клинички комплекс граѓаните ќе добијат капитален проект и ќе се реши проблемот за следните неколку децении.
- Изградбата на новиот Клинички центар во вредност од околу 420 милиони евра станува највисока и најзначајна инвестиција во здравството во историјата на независна Македонија. Досегашниот проект за изградба на Клинички центар на постојната локација не е најдобрата опција за понатамошно функционирање на Клиничкиот центар, бидејќи не е возможно да се постигне добро сообраќајно и паркинг решение, а во скора иднина ќе се јави потреба за дополнителни инвестиции во санација на останатите дотраени згради во Клиничкиот центар. Со тоа, новиот проект за изградба на нов Клинички центар во општина Карпош, на долг рок е поветин и поефиксен, се вели во соопштението од СДСМ.
За новата локација за Клинички вчера информираше министерот за здаравство. Според Филипче најрано за две години ќе почне изградбата на новиот комплекс во населбата Бардовци, а треба да биде готов за околу седум години. Засега се познати замо овие информации. Сеуште не е утврдена точната локација.
Во игра биле повеќе опции меѓу кои и простор од 84 хектари во близина на Психијатриската болница. Но, овој простор не е целиот државен и во меѓувреме треба да се решат имотно правни односи кои можат да го пролонгираат почетокот на градбата. Засега не се знае ниту колку ќе ја чини државата откупувањето на приватното земјиште ниту кои се сопствениците на парцелите.
Филипче вчера не кажа дали овие пари се пресметани во сумата од 420 милиони евра за новиот клинички.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
