Македонија
26. May 2018 - 19:27

25 нови мигранти фатени во Струмица

Обидите за  криумчарење мигранти  и  нелегалните  премини  на јужната граница не запираат.  И покрај тоа што балканската мигрантска рута веќе две години  официјално е затворена полицијата скоро секојдневно регистрира нови случаи во кои бегалците се обидуваат нелегално да влезат на македонска територија со намера од тука да продолжат до некоја од западно европските држави.

Последниот обид беше спречен рано утрово во близина на селото Костурино кај Струмица  кога е откриена група од 25 мигранти од Пакистан. Случајот бил откриен откако половина час после полноќ во полиција е пријавено дека непознати лица се товарат во две патнички возила. 

По добиената информација полициски службеници излегле на терен и на посоченото место од пријавата пронаше возило Форд Галакси со англиска национална ознака, но празно и без клучеви, а   недалеку од возилото биле откриени и мигрантите. За кратко време во близина на истото место полициските службеници  го стопирале и другото возило кое било наведено во пријавата , марка БМВ со радовишки регистарски ознаки. Него  го управувал 32 годишен жител од радовишко Калаузлија, а како сопатник било уште едно лице на 25 години од истото село. Веднаш по откривањето на лицата се преземени мерки за целосно расчистување на случајот.

 Статистиката на МВР покажува дека токму лицата  од Пакистан  во последниот период се најчестите кои се обидуваат преку македонска територија да стасаат до некоја од земјите на ЕУ. Само лани биле откриени над 1000 такви лица, а таквиот тренд продолжува и оваа година. По нив следуваат државјаните на Сирија, а потоа од Алжир.