Македонија
11. August 2018 - 16:38

Надлежните тврдат - во Македонија нема западно-нилска треска, но опасност постои поради наезда на комарци

Постои реална опасност од појава на западнонилска треска и во Македонија, бидејќи има комарци, а болеста е регистрирана во речиси сите држави во регионот, сметаат епидемиолозите. Од комисијата за заразни болести тврдат дека засега во земјава нема заболени од вирусот вест најл, а во Србија, Грција и Романија има десетици заразени и смртни случаи.

-  Опасноста е секогаш реална со оглед на тоа што комарците не можете да ги затворите и тие не се концентрирани на едно место. Само еден отсто од сите кои на некој начин ќе бидат инфицирани со вирусот на западнонилска треска ќе развијат тешки форми, изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во ИЈЗ.

И покрај големиот број граѓани кои се жалат на каснувања од комарци, од Инфективната клиника тврдат дека кај нив никој не побарал лекарска помош.

-  На Клиниката за инфективни болести нема пациенти хоспитализирани со западнонилска треска. И при амбулантските прегледи не е регистриан болен, изјави д-р Илир Демири, од Инфективната клиника и член на Комисијата за заразни болести.

По реакциите од граѓаните дека во Скопје има наезда од комарци, градските служби и денеска вршеа авионска дезинсекција.

Александар Динев за Сител телевизија