Македонија
1. December 2018 - 16:33

Заедничко одбележување на св.Кирил и Методиј и на Григор Прличев, предлага бугарско-македонската комисија

Македонија и Бугарија заеднички ќе ги одбележуваат денот на Светите Браќа Кирил и Методиј и јубилеи поврзани со Григор Прличев. Ова било договорено на дводневните разговори во Софија меѓу македонската и бугарската експертска комисија. Предлозите ќе им ги достават до Владите за разгледување и усвојување. Според договореното делегации од двете земји  секоја година на 24 мај во Рим на денот на Кирил и Методиј заеднички ќе положуваат венец, а за Григор Прличев ќе се слават само позначајните јубилеи, како наградата во Атина за поемата Сердарот, датум на раѓање и слично, но не секоја година. Експертите од Македонија и Бугарија ги доближиле ставовите и за заедничко празнување и на Цар Самоил, но конечната формулација ја оставиле за наредниот состанок.

-Задоволен сум од договореното, имавме конструктивни академски разговори. Има резултат без притоа да не бидат повредени интересите и чувствата на ниту една од страните, изјави за Сител проф. Драган Ѓорѓиев, директор на Институтот за национална историја во Скопје и копретседател на македонската експертска комисија.

Освен за заедничко одбележување на Цар Самоил, експертите од двете држави на наредната средба ќе дебатираат и за изготвените забелешки во однос на учебниците по историја во основното образование.