Во Струмица отворен повеќенаменски центар за социјални дејности
Струмица доби повеќенаменски социјален центар. Наменет е за самостојно делување на здруженија кои работат во областа на социјалната сфера. Центарот опфаќа канцеларии за развивање на сервисни услуги за образовни и лични асистенти на лица со попреченост, за поддршка на лица зависници од психоактивни супстанци, за стари и лица со деменција, со интелектуална попреченост, за деца и младинци со пречки во говорот, аутизам и даунов синдром, но и за помош и експертска поддршка на социјалните сервиси.
- Она што беше направено како анализа на 11 граѓански организации, односно капацитетите со кои што располагаат и кои социјални услуги ги нудат на локално ниво сметам дека оваа анализа треба само да ги зајакне капацитетите на граѓанските организации бидејќи овие простории кои што се направени со овој проект се едни од првите простории кои што една општина може да ги понуди на здруженијата на граѓани, вели Сашко Јованов, стручен консултант.
Проектот е реализиран со донаторска помош од Владата на Република Бугарија,.Реализацијата на центарот кој е сместен во простории од поранешната касарна во Струмица чини 138.000 евра.
- После реконструкцијата на објектот, една година подоцна гледаме резултат од напорите на општината и од луѓето кои биле ангажирани за изградба на овој центар. Бугарската влада издвои 138 000 евра наменети за овој проект и јас сум горд што учествувам во официјалното пуштање во употреба, рече Димитар Иванов, генерален конзул на Бугарија.
Намерата е со социјалниот центар да се создаваат механизми за институционална соработка помеѓу Општина Струмица и граѓанскиот сектор од социјалната сфера, како и социјална инклузија на граѓаните од ранливата категорија.
- Се надевам ќе успееме да ја исполниме со сета своја енергија до крај, а тоа е таа голема обврска што ја зедовме и што ја нарековме Струмица грижлив град. Тоа е една наша формула во која ќе се грижиме за сите сограѓани кои што се во социјален ризик, вели Коста Јаневски, градоначалник на Општина Струмица.
Оваа не е прва донација која Струмица ја добива од владата на Бугарија. минатата година доби и специјално патничко возило за транспорт на соцјално ранливи група граѓани.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
