Општина Гевгелија дополнително ќе го помага стопанството
Со пакет економски мерки општина Гевгелија ќе ја помага локалната економија. Во најголем дел, се работи за намалување на комуналните такси за кои општината и има надлежност. Целта е, овие во комбинација со државните мерки дополнително да го помогат стопанството и во еден дел да се ублажат последиците кои беа предизвикани од пандемијата со корона вирусот. Мерките се на предлог на градоначалникот Сашо Поцков, но сите се донесени со поддршка и договор на сите политички субјекти кои партиципираат во општинскиот совет. Со оваа одлука сите такси што ги плаќаат стопанствениците се намалени на законскиот минимум.
,,Има еден единствен момент каде што ние можевме да помогнеме на фирмите, каде што имаме допирна точка во финансовите импликации. Значи, ние даваме услуги на фирмите, меѓутоа допирна точка во финансовите импликации имаме во однос на решенијата кои ги добиваат од општината и токму тука реагиравме. Општината нема други можности да помага на фирмите. Законот предвидува минимум и максимум, ние во сите случаи го зедовме минимумот, така да не можевме да одиме 50%. Некаде е 40%, некаде 35, некаде 43%, во зависност од минимумот, вели Сашо Поцков, градоначалник на Општина Гевгелија.
Бидејќи станува збор за еднократна даночна обврска намалените комунални такси ќе важат до крајот на годината. Со пакетот мерки се опфатени и семејствата чии деца ги посетуваат детските градинки. Одлуката предвидува родителите на децата кои се пријавени во детските градинки, да бидат ослободени од плаќање партиципација за месеците април и мај.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
