Македонија
15. јуни 2020 - 17:04

,,Евзони‘‘ останува затворен, туристите вратени назад

Наместо на грчките плажи, обиколка низ Македонија, од Табановце до Богородица и повторно назад. Вака им помина денот на странските државјани кои денеска решија да заминат на одмор во Грција. Согласно владината уредба  за нив беше дозволен непречен транзит низ македонска територија, но проблемот се јави на грaничниот премин Евзони. Од таму сите возила беа вратени со образложение дека се уште немаат одлука за отворање на границите. Најголемиот дел од туристите беа австриски и српски државјани. Веста дека може да патуваат во Грција ја слушнале од нивните домашни медиуми.

За разлика од Евзони, рампите на граничниот премин Богородица денеска беа кренати за сите странски државјани. Тие  имаат право на транзит низ нашата држава, но нивното задржување не смее да биде подолго од пет часа од моментот кога ќе го остварат влезот.

До кога ќе бидат спуштени рампите на Евзони за сега не е познато. Македонските погранични органи во текот на денот немаа добиено  никакво официјално соопштение. Единствените информации пристигаа од туристите кои направија обид да ја поминат границата преку овој премин. грчките службеници им соопштиле  дека влез преку овој премин ќе биде можен од 1 јули.