Втора година по ред карневалските маски во Струмица останаа заклучени во работилниците
Наместо улици полни со маскирани лица, сеќавање на старите карневалски денови низ фотографии. Вака, со изложба на фотографии од претходните години Струмица го започна одбележувањето на карневалските денови. Маските подготвени уште од лани втора година по ред останаа спакувани во работилниците. Симболично, со минимален број посетители и според протоколите се крена и карневалското знаме. Во наредните денови тоа ќе биде еден од ретките симболи кој ќе потсетува на вековната традиција која лани беше прекината поради пандемијата со корона вирусот.
„Минатата година токму еден ден пред почетокот на карневалот ние моравме да го одложиме и карневалистите мораа да ги спакуваат маските кои што беа подготвени како спектакуларни маски за големиот јубилеј 30 години од обновената организирана форма. Сакајќи да ја сочуваме традицијата ние решивме тие маски да ги сочуваме, а за да не се изгуби духот еве правиме одредени активности во рамките на протоколите за Ковид 19“, вели Александар цицимов - претседател на карневалски одбор.
За градоначалникот на Струмица, ваквиот начин на одбележување повеќе предизвикува носталгија и тага, наместо радоста што ја носи карневалот. Но, тоа било единствениот начин да се запазат сите здравствени протоколи, а во исто време и да се продолжи традицијата.
„Ова е само една симболична конекција, поврзување на она што ќе следи, живот , радост , разиграност и она што сите со нетрпение го очекуваме и да го поминеме овој период што побезболно и по храбро би кажал за да можееме да ги дочекаме овие вистински слики на овој грандиозен карневал“, вели Коста Јаневски - градоначалник на Општина Струмица.
Како дел од програмата во понеделник ќе биде отворена изложба од меѓународниот фестивал на афоризам и карикатура, а во среда симболично одбележан тримерскиот обичај. Од организациониот одбор се оградуваат од секакво организирање на забави и спонтан настап на поединци и групи во терминот кога се одржуваше главната карневалска вечер, но и за време на Прочка, ден кој традиционално беше резервиран за детскиот карневал.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
