Македонија
16. March 2021 - 12:26

Одделението за кардиологија во Штип од денеска повторно во функција

Одделението за кардиологија при штипска клиничка повторно функционира. Пациентите од Источниот регион повеќе нема да одат на прегледи и интервенции во Скопје. Докторите и останатиот медицински персонал кои 7 дена беа во изолација, се вратија на работа. Само еден е позитивен, а останатите здравствени работници се со негативен PCR тест. Ситуацијата останува комплицирана на физикална терапија. Таму тројцата доктори специјалисти се во изолација поради позитивен корона тест. За пациентите се грижи само еден општ лекар и медицинските сестри. Сепак, првиот човек на болницата Ален Георгијев вели дека ќе се потпише договор, на физикална да доаѓа специјалист од Скопје, барем два пати неделно.

- Ситуацијата е таква, што не го одминува никој, па ни нас, но наше е да се избориме со тоа. Дали ќе трае 10 дена или 2 недели, наша обврска е да најдеме начин да им излеземе во пресрет на барањата на пациентите, а вакви ситуации имало, има и секогаш ќе има, изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница - Штип.

Паралелно се одвива и процесот на вакцинација на штипските здравствени работници. 160 медицинари ќе ја примат руската вакцина Спутник V на поликлиниката во Скопје. На инфективно е исполнет половина од капацитетот, односно, хоспитализирани се 33 пациенти, од кои на 19 им е потребна повремена кислородна поддршка. Четири пациенти се на одделот за анестезиологија.