Македонија
25. July 2021 - 16:37

Расте бројот на диви депонии во струмичко

Наместо да се намалува бројот на диви депонии во струмичко секојдневно расте. Од почетокот на годината биле регистрирани рекордни 48 такви локации. На нив граѓаните фрлаат се и сешто, од градежен шут па до мебел и бела техника. Од Јавното Комунално Претпријатие велат дека ова е горлив проблем со кој се соочуваат со години, а како главни виновници ги посочуваат несовесните граѓани кои наместо да побараат помош и да ги користат услугите на јавното претпријатие отпадот го фрлаат каде ќе стасаат.

За разлика од порано кога оваа појава беше карактеристика пред се за руралните средини, сега се почесто такви слики може да се видат и во самиот град во кој се евидентирани околу 20 мини депонии. Со цел нивно отстранување „Комуналец“ спроведе голема акција за чистење на целиот град. Само за еден ден собраа околу 120 метри кубни разновиден отпад.

Од струмички комуналец најавуваат дека еколошките акции ќе продолжат во континуитет, но потенцираат дека во здрава животна средина свој удел треба да дадат и граѓаните со личен пример. Апелираат на одговорно однесување и пријавување на сите несовесни граѓани.